Многу луѓе не знаат дека кога бришеме некој фајл од компјутерот, тој не е вистински избришан. Оперативниот систем само го одстранува од листата и го прави местото каде што се наоѓал тој фајл достапно за нови податоци. Со други зборови, оперативниот систем не го “чисти” комплетно местото на хард дискот каде што се наоѓал фајлот.
Оперативниот систем функционира на тој начин да заштеди што е можно повеќе време. Замислете некој голем фајл кој окупира голем број на сектори на хард дискот. За да фајлот биде вистински избришан, оперативниот систем треба да ги исчисти (да им додели вредност 0) сите сектори окупирани од тој фајл што може да одзема многу време. Наместо тоа, оперативниот систем го одстранува името на фајлот од директориумот каде што се наоѓа и ги означува секторите како слободни односно достапни за други податоци. Ова значи дека постои можност за враќање (recovery) на избришаните фајлови. Софтверите за враќање на избришани фајлови, познати како data recovery програми, функционираат на тој начин што ги пребаруваат секторите кои содржат податоци во нив што не се искористени од ниеден фајл или листа на фајлови. Ова не доведува до едно важно прашање: доколку имате навистина важни и доверливи податоци во компјутерот, дали бришењето на истите од хард дискот и од корпата за избришани фајлови, едноставно е доволно? Одговорот е не. Тие можат да бидат вратени со data recovery алатка.
Постојат исто така софтвери кои го решаваат и тој проблем, а и повеќето data recovery програми денеска имаат можност за вистинско целосно одстранување на податоците кои сте ги избришале. Еден од тие програми е SuperShredder. При бришењето на фајловите со овој софтвер едноставно целосно се чистат и секторите на дискот користени од тие фајлови. Овој програм можете да го превземете бесплатно од
http://www.analogx.com/contents/download/system/shred.htm.Форматирањето на дискот исто така не е многу различно. Кога форматираме хард диск, податоците што се наоѓале на дискот не се вистински избришани, што овозможува враќање на истите со напредна data recovery алатка и после форматирањето на дискот. Значи многумина кои исто така мислат дека со форматирањето ќе ги избришат трагите од доверливите информации се далеку од вистината.
При форматирањето, оперативниот систем само го брише root фолдерот и табелите кои содржат листа на секторите кои се завземени од фајловите. Оваа табела се нарекува FAT (File Allocation Table) кај FAT форматираните партиции, или MFT (Master File Table) кај NTFS партициите. Исто така при форматирањето едноставно само се проверува магнетната површина на дискот со цел да се одреди дали има некаква грешка. Доколку се детектира грешка, оперативниот систем се обидува да го означи односно маркира дефектното место како неупотребливо.
За целосно вистинско чистење на дискот може да ја користите алатката Zero Fill from Quantum. Оваа алатка ги пополнува сите сектори на дискот со нули што го прави невозможен за враќање на било какви податоци. Исто така може да користите т.н. "low-level format алатки". Тие исто така целосно ќе ги исчистат секторите на харддискот. Кога користите low-level format програм, тој мора да биде соодветен за производителот на вашиот хард диск. На оваа страна можете да најдете вакви алатки за најпопуларните марки на хард дискови.